Историјат

ГИМНАЗИЈА КОЧО РАЦИН

Велес, град на револуционери, културни дејци, пророци и маченици. Лулка на револуционерната мисла што постојано живеела тука за да се пренесе низ цела Македонија. Град во чија близина, во глувото и темно време на европскиот Среден век се запали светлината на богомилското учење кај македонското население насочено против феудализмот и политичкиот духовен гнет. Велес, родното место на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, жив темперамент чијшто борбен дух со децении го изложувале на постојани судири со црковните главатари и оној слој на население што му се спротивставувало во воведувањето просвета на народен јазик. Тука се роди Рајко Жинзифов, еден од најзначајните македонски преродбеници и најистакнати личности во македонската литература од тој период. Неговата поезија е носталгична исповед на длабока рана што ја носи во себе од болките и патилата на својот намачен народ.
Во 1889 година во Велес се раѓа и првиот пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија, Васил Главинов. Со перо и акција, тој неуморно се оддава во организирање на македонскиот народ на револуционерна борба.
Од велешкото село Богомила потекнува и Петар Поп-Арсов, еден од носителите на идејата за формирање самостојно македонско револуционерно  ослободително движење ВМРО ,а и член на Централниот комитет.
Тука се родени јунаците на солунските подвизи во 1903, наречени „гемиџии“, кои преку атентати и самоубиства го предизвикале интересот на светското јавно мислење за поробениот македонски народ и револуционерната борба за национална слобода. Во близина на Велес, во Папрадиште е роден Димитрија Чуповски, македонски политичар, револуционер, историчар, етнограф и публицист доследен организатор на македонската национална мисла и индивидуалност во текот на првите четири децении на XX век.
Во 1908 година во фамилијата на Марија и Апостол се роди нивната прва рожба Коста, кој ќе придонесе да се отвори патот кон слободата, воспевајќи ја неизмерната тага од тутунот, афионот и народните бигори. Градот Велес е прв град во Македонија каде почнува да се реализира повисоко образование од основното, гимназиско или како во тој период се нарекувало полугимназијално образование на народен т.е. словенски јазик. Многу причини кои меѓусебе се условуваат и дополнуваат, влијаат за развојот на просветното дело во градот.
Во периодот на 40-те и 50-те години на  XIX век во Велес започнува да се развива трговијата. Биле воспоставени трговски врски на велешките фамилии Шулевци, Палашевци, Кушовци, Станинци и други со Виена, Пешта, Лајпцг, Солун, Серез и др.
Развојот на трговијата помогнал да се развијат и одредени занаети, а воедно да се развие и стокопаричното стопанство. Сето тоа влијаело на развитокот на школството во градот.
Обидите на грчките владици и фанариоти да воведат грчка писменост и со тоа да ја потиснат словенската не вродила плод. Словенската писменост се задржала благодарение на компактноста на христијанското население и вековното богослужење во велешките цркви на словенски јазик. Свое влијание во задржувањето на словенскиот јазик имале и метосите на различни манастири,
посебно метосот на Рилскиот манастир Св. Ѓорѓи од источната страна на градот и метосот Св. Атанаси на западната страна на градот.
Доаѓањето на Јордан Хаџи Константинов  Џинот во Велес оставило длабок впечаток во образовниот процес во градот. Извршил промени во наставата ја направил световна извршил измени во правец на воведување на заемно – учителскиот метод што значело и пресвртница во наставата на велешките училишта.
Тој процес бил завршен со доаѓањето на даскалите Спиридон и Константин или  Никола Самоковлијата  во градот. Со работатата на овие учители била ставена основата за понатамошниот развој на велешките училишта. Доаѓањето на Милутин Будимировиќ, емигрант од Србија, било силен чекор напред во училиштето на западната страна. Се искажуваат мислења дека во училиштето се учеле предмети од нижа гимназија.
Во времето од 1847 до 1855  година своја дејност имале и Јанко Менкаџиев, Андо Кирков, Ѓорѓи Трајкоф, Елисеј П. Теофилов како и таткото на Рајко Жинзифов.
Од 1857 година со доѓањето на  Јован Нешковиќ  и Ѓорѓи Икономов се означува и почетокот на работата на училиштето од повисок ранг кое се викало класно  и давало највисоко образование кај нас. По заминувањето на Нешковиќ од Велес образовниот процес бил продолжен од Ѓорѓи Милетиќ  кој доаѓа во градот по препорака од бившиот велешки митрополит Авксентиј  за кого вели дека има висока школска наобразба и може да ја продолжи дејноста на Нешковиќ. Образовната дејност ја вршел во учебната 1859-1861 година. За време на неговата работа во Велес бил формиран и училиштен хор кој за време на празниците пеел по куќите. Образовна дејност во исто време на западната страна изведувал и Ѓорѓи Икономов кој дошол во Велес по препорака на Најден Геров во 1857 година. По потекло бил од Дупница и негова задача била да го подигне образованието на повисоко ниво на западната страна на градот. Во неговото училиште биле изучувани предметите: аритметика, граматика, бугарска историја, краток катехизис и др.
По заминувањето на Икономов во 1861 година, на негово место доаѓа отец Алексеј кој своето образование го стекнал во Зографскиот манастир. Останал во Велес до 1868 година и ги предавал истите предмети кои ги предавал Икономов. Борбите против фанариотскиот митрополит кон кого помирливо се држел отец Алексеј, завршиле со напуштање на Велес на отец Алексеј и заземање на неговото место од страна на Константин Босилков кој како главен учител останал од 1868 до 1872 година. Неговото доаѓање значело и почеток на некакви реформи кои се однесувале на воведување на нови предмети .
Полната организација класното училиште ја добива со доаѓањето во Велес на Васил Поповиќ 1870 – 1874 година, во период кога истото било подигнато на повисоко рамниште. Иако се соочувал со низа проблеми, Васил Поповиќ бил главен виновник (во позитивна смисла), за обединување на двете општински училишта, а воедно и на двете општини во една. Тој ја извршил и онаа еорганизација со која класното училиште ја добило и својата полна организација; 
предметите биле порационално распоредени на неколку учители, класното училиште имало четири класови со четири учители. Од тогаш влегол во употреба и терминот класен учител за оној учител кој предавал во класовите.
Востанијата во Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Српско-турската војна и Руско-турската војна и особено учеството во Кресненското востание значеле и удар за работата на училиштето.
Кризата која ја зафатило училиштето во периодот 1878-1882 година поради финансиската немоќ на општината, била пребродена и истото продолжило со работа во нареден период.  Времето по Првата балканска војна е период кога образованието во Велес се соочува со големи проблеми. Намалувањето на бројот на учениците, реализирањето на две учебни години во периодот 1912- 1915 година, односно 1915-1918 година, ќе доведе до запирање на една систематска просветна дејност.
Враќањето на гимназијата на своите стари текови започнува во учебната 1919/20 година. Иако редовна како шестокласна се соочила со намалување на бројот на ученици. Главна причина била националната потиснатост како и лошата повоена економска состојба на месното население. Тој тренд на намалување на бројот на ученици гимназијата ќе ја следи и во наредните неколку години.
Литературната дружина која се формира при велешката гимназија била една од најстарите основана во 1920 година како литературно-уметничко друштво Нада.
Уште во првите години на нејзиното основање користена е како легална форма на дејствување на младите комунисти. Прв претседател бил Ѓорѓи Шоптрајанов, а меѓу членовите биле и Ганчо Хаџи Панзов, Николче Оровчанец, Бане Андреев, Мино Минов и др.
Од 1921/22 година гимназијата почнува да работи како полна, со запишани околу 362 ученика. Како државна гимназија била од 1929 година кога со кралски указ е сведена на четирикласна гимназија..
Самоуправната гимназија која почнала со работа во учебната 1932- 33 година, со отворање на  V клас ќе биде место каде малубројната младина ќе стане политички поактивна.
Во периодот на учебната 1919 /20 до 1939/40  година низ велешката гимназија поминале околу 149 наставника од кои од Велес биле само 7, а останатите од другите краеви на тогашна Југославија. Имало 15 Руси – емигранти, кои биле главни виновници за започнување на политичката активност на велешката младина во гимназијата.
Воспоставувањето на бугарската власт во Велес, значело и почеток на засилена активност на СКОЈ-евската организација во гимназијата. Започнале конкретни акции против просветните власти во гимназијата за спречување на фашизацијата, носење на училишни униформи, зборување на бугарски јазик, пречење во наставата и др.

Како резултат на таквите активности, формирањето на организациите БРАНИК и ОТЕЦ ПАЈСИЈ, во почетокот на март 1942 година иницирало и почеток на штрајк на велешките гимназијалци. Обидот да бидат исклучени од Гимназијата Анче Андреев, Орце Иванов, Никола Стојанов и други ученици кои го истерале од час проф. Павлов поради неговите фашистички испади, завршило со масовно напуштање на училниците.
Околу 40 гимназијалци биле вклучени во вооружените активности во партизанските одреди. Неколку од нив: Благој Кирков, Благој Јанушев, Ѓоре Органџиев, Јовче Тесличков, Кире  Зафиров и Максим Чушков, загинуваат во судир со бугарските војски. Штрајкот на гимназијалците и нивното вклучување во партизанските одреди на најуверлив начин ги потврдува традициите и континуитетот на македонствувањето, стремежите за извојување на сопствените национални и социјални права и слобода, македонскиот непокор.
Президиумот на АСНОМ со решение бр.9 од 3.11.1944 година донело одлука за отворање на девет гимназии меѓу нив и на велешката.
Министерството со писмо бр. 423, со заповед бр. 97, од 26 јануари 1945 година, за директор на Велешката гимназија ја поставило професорката Злата Ангелова, а почетокот на наставата започнал на 1 февруари 1945 година. Била донесена одлука гимназијата да го носи името на основоположникот на современата македонска литература – Кочо Рацин.
Времето што следи е време на макотрпна работа и труд да се надминат сите пречки што стоеле на патот. Како резултат на тоа во 1977 година Гимназијата ја добива наградата Климент Охридски, а на 16 декември 1979 година со указ на Претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито истата е одликувана со Орден заслуги за народ со златна ѕвезда.
Историјата на гимназиското образование во Велес, претставува потврда на неговата револуционерна, образовна и културна традиција. Велес со својата древност, активност, со своите чеда и нивните дела ги одбележал највеличествените страници на македонската историја. Со учебното дело во кое посебно место има гимназиското образование, ги отворил новите патишта и ги назначил димензиите на иднината. Во тие страници своето достојно место го потврдува гимназијата Кочо Рацин, која со името на својот патрон како родоначалник на современата македонска литература, се впишува во страниците на вечното колективно меморирање.

 

Одговорен професор:

Сашко Николовски